И покрај тоа што веќе постигна договор со Барселона за останување на клупата на каталонскиот тим и во следната сезона, Чави Ернандез, како што пренесуваат бројни шпански медиуми, би можел да добие отказ поради изјавите дадени на последната прес-конференција пред синоќешниот дуел со Алмерија.
Членови на раководството на Барселона вршат силен притисок на Хуан Лапорта да му врачи отказ на Чави по неговите изјави на прес-конференција во кои пред јавноста изнесуваше детали за економската ситуација во клубот притоа зачинето со тврдења дека неговиот тим не може да се носи со најголемиот ривал Реал Мадрид.
„Водечките лица во клубот вршат голем притисок на Лапорта да го отпушти Чави“ – пренесуваат Шпанците.
А, во изјавите на Чави кои ги налутија навивачите и дел од челниците на каталонскиот тим се вели дека „економската ситуација ќе влијае на тимот кој тешко дека ќе може да се носи со Реал“.
„Навивачите на Барселона мора да разберат дека ситуацијата во клубот е многу тешка, посебно во економска смисла. Повеќе не можеме да се појавиме на пазарот и да кажеме ‘ете овој фудбалер го сакаме’. Не сме на исто ниво како останатите клубови. Ни преостанува само да се обидеме да се носиме со Реал Мадрид во следната сезона“ – рече Чави.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

