Подмладената Македонија загуби од Естонија на отворањето на Европската златна лига (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Македонската одбојкарска репрезентација со пораз од Естонија ги почна настапите во Европската златна лига. На првиот натпревар од првиот турнир во Златната лига кој се игра во салата „Парк“ во Струмица, Македонија вечерва загуби со 1-3 од Естонците, по сетови 23-25, 25-14, 19-25 и 22-25.

Подмладената Македонија и со нов селектор успешно парираше на Естонците, имаше преднос во четвртиот сет и од 10-7 и 20-19, но во финишот дозволи пресврт за противникот да дојде до победа од 1-3 во сетови.

Капитенот Никола Ѓоргиев беше најдобар во нашиот состав со 19 поени, Стојан Илиев имаше 17 поени, а по осум поени освоија Милев и Савовски. Кај Естонците најдобар беше Тепан со 16 поени.

Факт е дека натпреварите од Европската златна лига не се приоритет за македонските одбојкари кои преку овие натпревари треба да ја темпираат формата за квалификациите ова лето за пласман на ЕП 2025.

 

Македонија во недела го игра вториот натпревар во Струмица од Европската златна лига против Чешка со почеток од 20:15 часот.

Македонската репрезентација во Европската златна лига настапува во следниот состав:
Техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев (Бурса-Турција), Давид Стојанов (Фужинар-Словенија)
Коректори: Никола Ѓорѓиев (АЦХ Љубљана – Словенија), Стојче Арсов (Работнички), Кристијан Илиев (Струмица)
Примачи: Владо Милев (Струмица), Лука Костиќ (Рибница – Србија), Стојан Илиев (Анагенисис – Кипар), Тоше Ефремов (Весна Пробиштип), Ангел Бошков (Работнички)
Средни блокери: Филип Маџунков (Хасроде – Белгија), Филип Савовски (Војводина – Србија), Филип Лепидовски (Таково – Србија), Михајло Мирасчиев (Штип УГД)
Либера: Дарко Ангеловски (Работнички), Костадин Ричлиев (Штип УГД).

 

Се вчитува...