Актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром поведе со 1-0 во финалната серија во Првата лига откако вечерва на домашен терен во натпреварот број еден славеше над Пелистер со 82-77.
Почетокот на натпреварот помина буквално без одбрани, откако и двата тима имаа слободни шутеви од секоја позиција, па затоа воопшто не изненадува што по десет минути игра на семафорот стоеше 28-23 за домашниот тим. Во сличен ритам мечот продолжи и во вториот период во кој избраниците на Васко Атанасов малку ја стегнаа одбраната, што беше доволно на пауза меѓу двете полувремиња актуелниот шампион да замине со двоцифрена предност од 50-40.
Гостите од Битола фуриозно го стартуваа второто полувреме и предводени од неверојатниот Александар Костовски по почетокот на мечот повторно поведоа во 26. минута со 54-56. Актуелниот шампион успеа да се консолидира до крајот на овој период, па по 30 минути игра повторно поведе со 65-63. Во последниот период натпреварот влезе во неизвесна завршнца, а на три минути до крајот со тројката на Баковиќ домаќините поведоа со 77-74, по кои тренерот на гостите Дарко Радуловиќ мораше да побара тајм-аут. Натпреварот влезе во неизвесна завршница, а неколкуте грешки ги чинеа гостите поповолен резултат, а сето тоа го искористија аеродромци за конечен триумф од 82-77. Дамјан Стојановски со 16 поени беше прво име во таборот на победникот, додека Душан Танасковиќ уфрли 13. Кај поразените Јуре Планиниќ со 19 поени беше најефикасен, додека 16 уфрли Александар Костовски.
Вториот натпревар од серијата кој исто така ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ќе се одигра во вторник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА