Рафаел Надал претрпе елиминација во првото коло на Ролан Гарос. Легендарниот шпански тенисер доби тежок предизвик уште од самиот старт соочувајќи се со фаворизираниот Александар Зверев кој го совлада во три сета со 6-3, 7-6 (7-5) и 6-3.
Надал одржа емотивен говор по натпреварот кој ја воодушеви публиката. За него ова може да беше и последен настап на неговиот омилен грен-слем, но како што вели и самиот во тоа не е сигурен.
„Тешко ми е да зборувам во овој момент, не знам дали ова беше мој последен меч тука, но ако е така, ми беше задоволство што добив толку многу поддршка на овој терен. Честитки за Саша кој одигра неверојатен меч и кој ја освои титулата во Рим. Ти посакувам се најдобро на овој турнир, знам дека беше многу тешко за тебе кога се повреди тука пред две години.
Јас минав две тешки години исполнети со повреди. Моето ниво уште не е на највисоко ниво, а во овој момент, тешко ми е да мислам на иднината. Можеби веќе нема да се вратам на овој турнир, но не сум стопроценти сигурен. Моето тело се чувствува многу подобро од пред два месеци. Можеби за два месеци ќе кажам „доволно е“, но во овој момент не се чувствувам така. Се надевам дека ќе се вратам на овој терен за Олимписките игри и дека ќе добијам иста поддршка.
Сакам да се заблагодарам на сите кои го организираат турнирот, на моето семејство, на пријателите… Никогаш не замислува дека ќе освојат толку многу работи тука. Неверојатно се чувствувам кога играм тука и ви благодарам за се. Не знам дали ова е дефинитивно збогум, но ви благодарам за се“, им се обрати на присутните Надал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

