Во присуство на голем број познати спортисти, тренери, љубители на спортот, меѓу кои беше и градоначалникот Иван Јорданов, во Општинскиот мултимедијален центар „Киро Глигоров“ во Штип беше промовирана книгата „Штип европски град на спортот“ чиј автор е познатиот штипски спортски новинар Кирил Манев.
Во книгата, со многу фотографии се опишани најголемите успеси на меѓународната сцена на најпознатите спортисти и клубови од Штип, учесници на олимписките игри, светски и европски првенства во самостојна Македонија. И што е најинтересно, сите медали, титули, првите места во разни спортови се освоени со сопствен кадар, спортисти родени во Штип . Што е навистина за пофалба, колку градот се грижи за развојот на спортот. Рецензент на книгата е доаенот на спортското новинарство во нашата држава Миодраг Мицковиќ.
Ова беше 23 книга на Кирил Манев во неговата успешна не само новинарска туку и публицистичка кариера бидејќи ниту еден спортски новинар во Македонија нема толку напишани книги за спортот во еден град. Да потсетиме првата книга што ја напиша Кирил Манев беше во далечната 1993 година под наслов „Шампиони“. Посветена на борачите на Балканец, сигурно еден од најуспешните клубови во Македонија, од чии редови на струњачата настапуваа познати репрезентативци, не само на Македонија туку и на поранешна Југославија. Само да се потсетиме на имињата на Зоран Шоров, Добре Маринков, Трајче Димков, Симеон Шутев, Дејан Богданов, Киро Ристов…
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА






