Јакимовски со нов клуб во САД: „Ќе инсистирам во ноември да ме ослободат за репрезентацијата!“

И покрај дипломирањето на Вашингтон Стејт Универзитетот, еден од најдобрите македонски кошаркар Андреј Јакимовски ја одбра онаа „играчка опција“ која ја нуди како можност НЦАА лигата, и следната сезона да биде дел од оваа лига, но сега како играч на Универзитетот Колорадо Болдер, односно тимот на овој колеџ – Бафало.

Јакимовски се раздели со Вашингтон, па на инсистирање на тренрот на Бафало, Тед Бојл ќе игра за овој Универзитет низ следната сезона.

„Нема ништо, би го нарекол, спорно. Факт е дека менаџментот на НЦАА лигата одлучи дека онаа сезона, односно она време на короната не влегува во оној свовиден ‘студентски стаж’ на играчите кои биле дел од натпреварувањето, И дава можност, која јас ја користам во овој момент, да го продолжам својот престој во САД, како некоја ‘петта година’, пак ќе кажам сето тоа треба да се гледа условно“ – вели и дополнува:

„Не беше баш лесна раздлебата со Вашингтон Стејт, екипата, односно средината во која играчки ‘пораснав’. Четири незаборавни години кои ми донесоа апсолутно многу работи во животот, поголем дел корисни за понатамошниот тек на кариерата, во секој случај. Повикот на Колорадо го прифаќам од причина што навистина сакам да ја унапредам својата игра на уште едно повисоко ниво, и максимално подготвен да го дочекам наредното лето во кое предизвикот ми е да се пробам, да се појавам на НБА драфтот. Тренерот Бојл добро ме познава, знае што може да очекува од мене, макар што во изминатите неколку сезони бевме лути ривали на теренот. И тоа треба да е некоја ‘олеснителна околност’ во онаа аклиматизација на новата средина“.

 

За што подобра подготвеност, Јакимовски ќе го „потроши“ и ова лето, повторно во САД, но на друго место – блиску до Денвер, актуелниот шампион на НБА лигата.

„Да, кратко е времето кое ќе го поминам со своето семејство. Затоа што веќе во петок, летам назад за Америка. Ме чекаат осум недели напорна работа во оние летни ‘воркаути’, сакам да бидам подобар од што сум сега. Да ја унапредам својата игра, во секој поглед. Мојот нов тим изгледаше сосема добро и оваа сезона, кога во 1/16 финалето загубија од Универзитетот Маркет. Има своја историја, се надевам дека ќе биде збогатена со моето присуство во наредната година“.

А, македонската јавност секако од Андреј Јакимовски очекува и посакува да биде стандарден член на македонската сениорска репрезентација и дел од носителите на „црвено-жолтите“ во годините кои доаѓаат.

„Тоа некако најтешко ми паѓа. Секогаш кога се собирите на националниот тим, без оглед на тоа дали во февруари или во ноември, ми доаѓаат некои слики во кои се гледам себеси како сум дел од тимот. А сепак сум толку далеку, илјадници километри. Она што можам да го кажам, да го ветам во овој момент е дека јас сум секогаш тука, на располагање. И во моите први контакти со новиот тренер, со менаџерскиот тим, го потенцирав тој момент, секогаш, доколку е тоа можно, да бидам со своите соиграчи од репрезентацијата, макар и на една недела. Онаа во која се играат натпреварите од ФИБА ‘прозорите’. И се надевам дека овојпат ќе наидам на разбирање кај сите во мојот нов тим, и дека веќе во ноември ќе бидам тука за наредните репрезентативни предизвици. А пред нас е токму еден таков, голем, сериозен, двата квалификациски натпревари против репрезентацијата на Литванија“ – потенцира Јакимовски, пред новата преселба „преку барата“.

Се вчитува...