Јаник Синер ги остави зад себе проблемите што го мачеа во последните месеци, па италијанскиот тенисер продолжи со сигурен настап на Ролан Гарос пласирајќи се во третото коло по рутинската победа над ветеранот Ришар Гаске.
Вториот носител максимално ги користеше шансите што му се укажуваа, пет пати успеа да го освои сервисот на противникот и со максимални 3-0 се пласираше во третото коло. Голема е веројатноста дека Синер ќе го мине Ѓоковиќ на врвот на АТП-листата, за што му е доволен пласман во големото финале или пак Новак да не ја одбрани ланската круна на францускиот гранслем.
„Многу се зборува за тоа, но јас не се оптоварувам. Не рзмислувам за првото место и за Ѓоковиќ, фокусиран сум само на она што јас го правам,на тренинзите и на мечевите. Против Гаске од секој аспект бев подобар отколку во првото коло против Јубенкс, сервисот ми беше на ниво кога беше најпотребно. Она што е најважно е јас да победувам, кога сум во можност ги следам и останатите резултати, но многу повеќе одморам отколку што гледам што прават моите ривали“, изјави Синер.
Негов противник во третото коло ќе биде Павел Котов од Русија, кој во претходната рунда го совлада швајцарскиот ветеран Стен Вавринка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

