Борусија Дортмунд има договор со фирма за производство на оружје

Борусија Дортмунд потпиша тригодишен спонзорски договор со Рајнметал компанија за производство на оружје. Логото на компанијата ќе биде испечатено на лиценцираните производи на Борусија веќе за финалето од Лигата на шампионите против Реал Мадрид кое се игра вечерва, а ќе биде истакнато на билбордите на стадионот како и на прес-конференциите, но нема да биде на дресовите.

Така Борусија стана првиот германски клуб кој има спонзорски договор со компанија која произведува оружје. Компанијата е со седиште во Дизелдорф, на околу 70 километри од Дортмунд, и е најголем производител на муниција во Европа, а се занимава и со производство на бројни борбени возила и беспилотни летала.

Официјалната навивачка група на „милионерите“ истакна дека разговарале на оваа тема со клубот, но дека изразиле загриженост и противење на овој договор, а демантираат и одредени написи дека оваа одлука всушност била изгласана.

Германското здружение за мир, група пацифисти на чело со Михаел Шулц фон Глазер, кој е навивач на Дортмунд, побара клубот веднаш да го раскине овој договор.

Се вчитува...