Ракометарите на Пелистер ја одбранија титулата во Суперлигата на Македонија откако денеска на домашен терен во натпреварот да се биде или не славеа над Алкалоид со 32-28.
Гостите го отворија натпреварот со два гола 0-2, по што првиот погодок за битолчани го постигна Жарко Пешевски кој намали на 1-2. Алкалоид водеше и со 1-3, но со серија од три гола домаќините првпат поведоа со голот на голманот Урбан Лесјак за 4-3. Во следниот период се играше гол за гол, а по петнаесет минути игра на семафорот стоеше нерешено 8-8. Следеа неколку технички грешки на гостите, па во 18. минута Пелистер за првпат стигна до два гола разлика (11-9).
Следуваше нереализиран пенал за Алкалоид, а со голот од пенал на Радивојевиќ во 21. минута Пелистер стигна и до плус три 12-9, по што Кирил Лазаров мораше да го повика својот прв тајм-аут. Ниту тоа не им помогна на гостите, бидејќи следеше нова грешка, а со голот на Цехта се стигна и до плус четири 13-9. Домаќините само го полнеа голот на Алкалоид, па на две минути до крајот на првиот дел стигнаа до највисоките плус седум 17-10. До крајот на првиот дел гостите успеаја да намалат два гола од негативата и на пауза да се замине со резултат од 18-13 за Пелистер.
Гостите заиграа подобро во второто полувреме, па откако во неколку наврати не успеваа да стигнат до негатива од два гола, сепак тоа им успеа на десет минути до крајот кога намалија на (26-24), по што Бранко Ангеловски мораше да повика тајм-аут. Сепак, домаќините некако успеаја да ја задржат позитивата до самиот крај и да стигнат до осмата титула во Суперлигата.
Кузмановски и Манасков со по шест гола беа први имиња кај победникот, додека кај поразените Дамјан Митев заврши со ист број погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА