По вчерашниот скандалозен инцидент во Детската лига: Стручната јавност бара Закон со доживотна забрана за пристап на спортски натпревари на сторителите (ВИДЕО)

Скандалозен момент го одбележа вчерашниот прв ден од финалните натпревари во Детската лига на Македонија, кој се играше на терените на ФФМ во Ново Лисиче. На мечот меѓу Сарај и Фит Кит од генерацијата фудбалери родени 2012, на натпреварувањето кое требаше да биде настан на кој се слави спортскиот дух, тимската работа и радоста на играта беше нарушено со скандалзна физичка пресметка на дел од присутните родители на сред терен, додека нивните деца од страна не можеа да се смират од целата глетка.

И за жал тоа беше втор случај во последниот месец на натпревари од детските лиги, со што само се потврди дека на македонскиот спорт и тоа како му е неопходно конечно дејствување на Законото за спречување насилство и недостојно однесување на спортските терени.

ВЧЕРАШНИОТ ИНЦИДЕНТ МОЖЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК

Токму затоа, македонската стручна јавност во спортот која долго време е дел од спортските активности во земјава бара и дополнување на законските одредби со доживотна забрана на спортски настани и натпревари за сторителите на вакви дела.

„Од тоа што го видов, јасно е дека тотално е допрено дното на спортско навивање и однесување во Македонија. Оној дел кој претставуваше убавина и задоволство да се гледаат дечињата преку нивните спортски пожртвувани игри во детските спортски лиги, кои учеа за другарството, поддршката, почитта кон противникот, оваа багра од умоболни родители (за кои не постојат правила за ништо во нивните глави) почнувајќи да влегуваат на спортски терени, и ова нешто убаво од спортот што беше останато за гледање го расипаа“ – вели раководителот на секторот на спорт, образование и култура при општина Аеродром, Тане Димовски, притоа дополнувајќи:

„Во 2004 година, на иницијатива на проф. д-р Иван Анастасовски во Собранието на РМ беше изгласан ЗАКОН ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА НАСИЛСТВОТО И НЕДОСТОЈНОТО ОДНЕСУВАЊЕ НА СПОРТСКИТЕ НАТПРЕВАРИ. Тој закон даде резултати, но очигледно потребни се измени и тоа доста ригорозни. По формирањето на Министерство за спорт, НАЈИТНО да се пристапи кон измени на Законот, да се затегнат сите мерки за било какво влегување на навивачи на спортските терени со тоа што директно да завршуваат во затвор (без разлика кој прв почнал или кој прв влегол на спортските терени) и да им следи доживотна забрана за било каков пристап на спортски натпревари, со Регистар на забрана за спортски натпревари. Токму поради ваква БАГРА, секојдневно по неколку семејства дневно ја напуштаат Македонија и си заминуваат во странство. Време е за радикални промени и во овој дел“.

И самиот проф. Атанасовски по вчерашниот инцидент вели дека време е под итно да се стави во функција Законот за недолично однесување на спортски натпревари. Не смее повеќе да се прогледува низ прсти на ваквите однесувања на родителите во натпреварувањата кај најмладите, кои се и тоа како зачестени и не само во фудбалот, а кои не само што им штетат на своите деца туку го нарушуваат и целокупниот вредносен систем.

Се вчитува...