На денешен датум пред точно пет години македонскиот првак Вардар го приреди едно од најголемите изненадувања во ракометната историја, станувајќи првак во Лигата на Шампионите со неверојатен настап на фајналфор турнирот во Келн.
Првата титула во 2017 година беше остварена со „дрим-тим“ предводен од Раул Гонзалес, но две години подоцна падот на Вардар беше и повеќе од очигледен, ракометарите отворено почнаа да говорат за долговите кон нив, дел од нив си заминаа од Вардар, но сите оние кои останаа беа решени да докажат – дека срцето некогаш е поважно од парите.
И го сторија токму тоа, па избраниците на Парондо направија уште поголем успех од оној пред две години, во полуфиналето со неверојатен пресврт совладувајќи ја Барселона, а потоа во големото финале на колена фрлајќи го и Веспрем, оставајќи го унгарскиот гигант да продолжи да сонува за европска круна.
Во историјата ќе остане запишано – Вардар го доби големото финале со 27-24, а покрај одличниот Милосављев на голот најзаслужни за големата победа беа Мораеш со шест, Чупиќ од пет и Кристопанс со четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА