Проблем за Јунајтед: Баерн Минхен тргна по Бруно Фернандеш

Манчестер Јунајтед се соочува со сериозен проблем да го задржи капитенот Бруно Фернандеш откако Баерн Минхен почна преговори за ангажман на португалскиот плејмејкер во своите редови.

Португалскиот весник „О Жого“ во своето денешно издание обелоденува дека челниците на Баерн веќе почнале разговори со Мигел Пињо, кој е агент на Фернандеш, за преселбата на овој фудбалер на „Алијанц Арена“. Баварскиот гигант подготвува мини-ремонт во играчкиот кадар, а на врвот на листата со желби се наоѓа токму овој фудбалер, кој би донел дополнителна инвентивност во средниот ред на најтофејниот германски клуб.

Фернандеш пред крајот на сезоната најави дека сериозно размислува за нов предизвик, по триумфот над Манчестер Сити делуваше решено да остане, но баварците се надеваат дека ќе го убедат самиот да притисне за трансфер кај челниците на Манчестер Јунајтед.

„О Жого“ најавува дека во следните дваесетина дена ќе бидат водени нови рунди преговори меѓу Пињо и Баерн, додека Фернандеш ќе остане фокусиран на настапот за Португалија на ЕВРО 2024. Сепак, баварците се оптимисти дека ќе испратат понуда што фудбалерот нема да може да ја одбие, за Бруно веднаш по ЕП самиот да побара да добие зелено светло за заминување од „Олд Трафорд“.

Се вчитува...