Хрватите не се ни испотија, а убедливо ја победија Македонија (ВИДЕО)

Во натпревар без многу возбудувања, Македонија загуби со 3-0 од Хрватска на тест мечот кој се одигра на „Рујевица“, по два гола примени наивно уште во првото полувреме од средбата и еден во финишот на средбата за сосема заслужен триумф, иако преубедлив за она што беше прикажано на теренот, на една од најдобрите светски селекции.

„Коцкестите“, се чини, не се ни испотија буквално и со само три шута кон голот на Димитриевски дојдоа до лесни три гола кои значеа рутинска победа.

Буквално со само две акции и два шута во првите 45 минути Хрватска премногу лесно со двата гола на Ловро Мајер дојде до убедливо водство, искористувајќи ја катастрофалната игра во одбраната на македонската репрезентација која дозволи два лесни гола.

Мајер, најпрво одлично го изведе слободниот удар од 25 метри, но објективно му помогнаа и лошо поставениот жив ѕид, и Димитриевски кој не успеа ниту да „мрдне“…

Македонија претходно беше поактивна на стартот од мечот, со два обиди на Елмас и на Муслиу со глава, но безопасни по голот на Ливаковиќ.

Во продолжението, главно се играше на средината од теренот, а македонската селекција се закани во два наврати. Најпрво по најдобрата акција низ првото полувреме во 35. минута кога Трајковски шутираше од 16 метри но покрај голот на домашните. А, потоа во 44. минута, Трајковски од слободен удар од 18 метри испрати „бомба“ но Ливаковиќ го одбрани неговиот шут.

За да, Хрватите буквално во последните секунди од првото полувреме по одлична акција дојдат до водство од 2-0 благодарение и на вториот гол на Ловро Мајер.

Во второто полувреме македонската репрезентација го диктираше темпото. Низ првите 15 минути од првиот дел две можности имаа Трајковски во 47. минута и Јани Атанасов во 51. минута, но Ливаковиќ ги одбрани нивните шутеви. Хрватска немаше буквално ниту една акција во вториот дел, се до 79. минута кога Пашалиќ од третиот шут на домашните во текот на дуелот погоди за конечни 3-0.

Се вчитува...