Селекторот на македонската репрезентација Боби Милевски на официјалната прес-конференција по денешниот пораз од Хрватска во Ријека истакна дека согледани се дел од аномалиите во играта на селекцијата кои ќе треба да се корегираат до септември и настапите во Лигата на нации.
Како еден од клучните проблеми за игрите во националниот тим Милевски ги истакна проблемите со минутажата на репрезентативците во своите клубови кои сериозно се рефлектираат и на настапите на репрезентацијата.
„Честитам на Хрватска за играта и победата. Покажа дека е далеку подобра репрезентација од нас во моментов и сакам да им посакам успех на престојното Европско првенство. Ние може да кажам дека во првото полувреме имавме неколку моменти низ кои можевме да го загрозиме нивниот гол, но се покажа дека кога против една ваква селекција не го искористиш тоа што ќе ти се овозможи, тогаш следи казна“ – истакна македонскиот селектор на прес-конференцијата по мечот, притоа дополнувајќи:
„Во секој случај, продолжуваме понатаму, имаме време до септември да ги отстраниме аномалиите во играта кои ни се појавуваат, но искрено пред се посакувам и се надевам оние наши играчи кои имаат проблеми со минутажата во своите клубови да ги решат тие проблеми клупски и да бидат до септември многу поконкурентни и во репрезентацијата“.
Ако треба да се издвојата најголемите проблеми со кои се соочува националниот тим…
„Не сум задоволен од тактичката дисциплина на моменти во текот на денешниот натпревар и од физичката неподготвеност на дел од нашите играчи. Но сето тоа е, ќе повторам, резултат на проблемите кои ги носат од своите клубови. Затоа овие натпревари со вака силни репрезентации се одлична можност да видиме до каде сме и на што треба повеќе да работиме во иднина“ – рече Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА