Навивачите на Новак Ѓоковиќ со право се загрижени откако најдобриот светски тенисер се пожали на повреда на коленото по вчерашниот триумф над Аргентинецот Черундоло.
Србинот одигра уште еден маратонски дуел од кој излезе како победник, но скапо го плати триумфот откако заработи незгодна повреда на коленото. Новак во изјавата по мечот најави дека не знае дали ќе биде подготвен за четвртфиналната пресметка со Каспер Руд, а дополнителна причина за загриженост е фактот дека првиот носител го откажа денешниот тренинг во Париз.
Трката со времето продолжува, а српските медиуми информираат дека Ѓоковиќ денеска ќе мине детални лекарски прегледи на десното колено, по што ќе ги чека резултатите пред да одлучи дали утре да излезе на терен против Руд.
„Последните седмици имав мала болка во десното колено, но се до последниот меч немав поголеми проблеми. Премногу пати лизгав по теренот, морав да побарам и медицински тајмаут, сето тоа ја наруши мојата игра и не бев сигурен ни дали да го довршам тој меч. Барав лекови за болка, испив и додатна доза по третиот сет, но беа потребни триестина минути да почнат да делуваат. Не можам засекогаш да играм под лекови, преживеав на овој меч, но не знам дали ќе играм на наредниот, не знам колку е се сериозно“, изјави Ѓоковиќ по вчерашната победа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

