Ханси Флик потпиша договор со Барселона и веќе почна со планирање на потезите на пазарот во летниот преоден рок, но јасно е дека каталонскиот гигант повторно ќе има финансиски проблеми како што тоа беше случај и во претходните две години. Впрочем, договорот на Флик се уште не е депониран во Ла Лига бидејќи не може да биде вклопен во вкупниот буџет на клубот, а на новиот тренер му било ставено до знаење дека ќе мора да продаде некој од првотимците ако сака да донесе скапи засилувања на „Камп Ноу“.
Јавна тајна е дека на врвот на листата со желби се наоѓа екс-капитенот на Баерн, Џошуа Кимих, со кого Флик имаше беспрекорна соработка и во Баерн Минхен и додека беше селектор на германската репрезентација. Кимих би чинел околу 50 милиони евра, плус богата плата, а за да добие зелено светло за овој мегатрансфер новиот тренер на каталонците е подготвен да се откаже од Френки де Јонг.
Холандскиот плејмејкер во последните две години беше поврзуван со заминување, но секогаш на крајот остануваше во Барса. Сепак, Флик е решен во директен разговор да му објасни дека нема да смета сериозно на неговите услуги, се со цел да го забрза заминувањето на Де Јонг од Барса. Каталонците го имаат проценето овој фудбалер на над 60 милиони евра, сосема доволно за да биде доведен Кимих како нов клучен играч во средниот ред на Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

