Хаос без граници: Судиите бараат празна сала, навивачите не си одат, дербито нема да се доигра вечерва

Вториот финален натпревар од кошаркарскиот плејоф на Србија меѓу Партизан и Црвена Звезда најверојатно нема да се доигра вечерва, по инцидентите по кои гостинските кошаркари и официјалните лица се повлекоа во своите соблекувални.

Немилата сцена се случи по неколку минути игра во третата четвртина, кога Партизан стигна до двоцифрена предност, а за време на тајмаутот на гостите се почна со навредување на Небојша Човиќ. Судиите преку официјалниот спикер ги опоменаа навивачите, но следеа уште погласни навреди.

Ситуацијата кулминираше откако полетаа тврди предмети кон клупата на „црвено-белите“, по што играчите и тренерите најпрвин истрчаа кон средината на теренот, а потоа се упатија и кон соблекувалната.

Судиите исто така истрчаа кон своите простории, по што беше објавено дека се бара празнење на салата, во спротивно мечот нема да продолжи. Ставот на домашните навивачи е дека тие немаат намера да ги напуштат трибините, па според моментната ситуација најреално е мечот да биде продолжен утре, пред празни трибини.

Во моментот на прекинот резултатот гласeше 57-45 за Партизан.

Се вчитува...