Зверев го зеде последниот полуфинален билет на Ролан Гарос

Александар Зверев е последниот полуфиналист на Ролан Гарос откако германскиот тенисер вечерва славеше со 3-0 во пресметката со Алекс де Минор.

Австралиецот кој моментно е 11. тенисер на АТП-листата немаше одговор за расположениот Зверев, кој максимално ги користеше своите шанси и стигна до голема победа. Германецот го доби првиот сет со 6-4, а потоа имаше вистински тест на карактерот во тајбрејкот од вториот сет, во кој Де Минор поведе со 0-4. Зверев се разбуди во вистински момент и со голем пресврт триумфираше со 7-5, за потоа кон средината на третиот сет да стигне до брејк. Зверев имаше 5-2, но Де Минор не се предаде, го врати брејкот и намали на 5-4. Сепак, германскиот тенисер беше смирен во клучните моменти, во наредниот гејм го освои сервисот на противникот и со конечни 6-4 си го визираше пласманот во полуфиналето.

Негов ривал во следната фаза ќе биде Каспер Руд, кој без борба се пласираше меѓу најдобрите четири откако Новак Ѓоковиќ го откажа настапот поради повреда на коленото.

Во второто полуфинале силите ќе ги одмерат Карлос Алкараз и Јаник Синер, кој без оглед на резултатите до крајот на овој турнир ќе го симне Новак Ѓоковиќ од тронот на наредната АТП-листа.

Се вчитува...