Барса има план: Луис Дијаз на местото на Рафиња

Барселона продолжува со планирањето на активностите во летниот преоден рок, а на директорот Деко и претседателот Лапорта им е јасно дека ќе мора најпрвин да се продадат дел од првотимците за да се создаде буџет за нови засилувања.

Така, шпанските медиуми веќе најавија дека клубот е подготвен да го продаде Френки де Јонг за да може да ја исполни желбата на новиот тренер и да го доведе Кимих на „Камп Ноу“. Сличен рецепт се подготвува и за напаѓачката линија, каде голема желба на каталонскиот гигант е да биде доведен Луис Дијаз.

Таткото на Колумбиецот од Ливерпул во неколку наврати јавно флертуваше со Барса изјавувајќи дека неговиот син од мал сонува да заигра за овој тим. Новиот тренер Арне Слот би дал зелено светло за заминување на Дијаз ако пристигне интересна понуда за поранешниот фудбалер на Порто, кој е проценет на 80 милиони евра од страна на Ливерпул.

Лапорта планира да ги обезбеди овие пари од продажбата на Рафиња. Екс-фудбалерот на Лидс игра променливо во дресот на Барселона, но од Саудиска Арабија пред десетина дена пристигна понуда вредна 100 милиони евра за овој напаѓач. Рафиња се уште размислува, но Лапорта и Деко во следните денови ќе направат дополнителен притисок врз Бразилецот да прифати трансфер во оваа земја, со што би оставил и простор во тимот, но и значителни средства во буџетот за Барселона да го доведе Луис Дијаз во своите редови.

Се вчитува...