Капитенот на хрватската репрезентација Лука Модриќ им се приклучи на „Ватрените“ во подготовките за Европското првенство, веднаш по освојувањето на шестата титула во Лигата на шампионите со Реал Мадрид.
Исто како и минатата година, имаше долга сага во која се шпекулираше за иднината на Модриќ, со оглед на тоа што тој веќе има 38 години и повеќе нема статус на апсолутен првотимец во тимот на Анчелоти.
Актуелниот договор му истекуваше на 30. јуни, а во текот на целата сезона се зборуваше за негово незадоволство поради намалената минутажа и бројните профитабилни понуди од Саудиска Арабија и САД. Меѓутоа, како што најави на прославата на новата титула во Лигата на шампионите, Лука Модриќ потпишал едногодишно продолжување на договорот со „Лос Бланкос“, пренесува италијанскиот стручњак за трансфери Фабрицио Романо.
Така, Модриќ ќе остане во Реал барем до летото 2025 година, а според информациите од Шпанија, Модриќ сака да се пензионира во дресот на Реал, кој за прв пат го облече во 2012 година откако пристигна од Тотенхем за 35 милиони евра.
Оттогаш, тој стана вистинска клупска легенда, а во Реал Мадрид забележа вкупно 534 настапи, постигна 39 гола и 86 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

