РК Алкалоид со прес-конференција денеска ја заокружи успешната сезона во која најмладиот ракометен колектив во Македонија стигна и до првиот трофеј откако го освои националниот Куп на Македонија.
Директорот Горан Минов на денешниот прес изјави дека заврши сезоната која е посебна од многу работи.
„Завршивме сезона која беше посебна за нас за многу работи, затоа што имавме многу нови предизвици. Се соочивме со нови моменти, како настап во Европа, кој настрана спортскиот и резултатскиот дел, бараше од нас и друг пристап којшто е организациски. Нашата сениорска екипа успешно се претстави во Европската лига на ЕХФ каде игравме со реномирани противници и ги освоивме првите бодови. Успешно и на високо ниво одигравме три европски средби и го положивме тој организациски дел со голема оценка, што за нас беше голем испит. На домашната сцена изборивме место во Европа, а посебна сатисфакција е освоениот Куп на Македонија. Посебно не радуваат успесите на младинските категории, во кои станавме прваци во пионерска, кадетска и младинска категорија. Со макотрпна, но стратегиски успешна работа, изградивме систем во кој сите се вклопија. Успеавме на ракометарите да им вградиме победнички менталитет, тоа ни донесе и успех.
Нашата мисија е да дадеме идни македонски репрезентативци кои ќе ја радуваат Македонија во спортот број еден за нас. Сакам да изразам особена благодарност до Алкалоид АД Скопје и Живко Мукаетов, кој како главен покровител ни ги овозможи овие врвни услови за работа. Исто така, голема благодарност до стручниот штаб на чело со Кирил Лазаров како и ракометарите кои максимално се вложија оваа сезона да биде за нас најдобрата и најуспешна до сега. Благодарност до колегите, медиумите и навивачите кои ни беа голема поддршка“, изјави Минов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА