Каква шлаканица за Англија на една седмица пред почетокот на ЕП

Англиската репрезентација доживеа дебакл на една седмица пред почетокот на ЕВРО 2024 откако на домашен терен загуби од аутсајдерот Исланд со 0-1, на генералката пред заминувањето на континенталниот собир во Германија. Саутгејт го изротира тимот, шанса сепак добија речиси сите стандардни првотимци освен Белингем, но Англичаните одиграа далеку под своите можности.

Торстеинсон во 12. минута го донесе Исланд во водство, но никој не помислуваше дека тие 0-1 ќе останат на семафорот до самиот крај на мечот. Кејн промаши зицер во првото полувреме, Палмер Кол излезе очи в очи со исландскиот голман, но премногу компликуваше во вториот дел, а како што одминуваше времето, така и немоќта на домашните фудбалери стануваше се поголема.

Саутгејт има причина за загриженост и поради повредата на Стоунс кој мораше да биде предвреме заменет, па останува да се види дали дефанзивецот на Манчестер Сити ќе може да помогне на својата селекција на претстојниот европски шампионат.

Германија по голема борба со пресврт во второто полувреме славеше со 2-1 на дуелот со Грција. Гостите го завршија првиот дел со водство од 0-1 преку Масурас по големата грешка на Мануел Нојер, но избраниците на Нагелсман најдоа начин да стигнат до триумф. Каи Хаверц стрелаше прецизно за израмнување на 1-1, а во самиот финиш Паскал Грос донесе триумф на домаќинот на ЕВРО 2024, откако асот на Брајтон стрелаше прецизно од работ на шеснаесетникот.

Полска ја совлада Украина со 3-1, но полскиот селектор се соочи со неочекуван проблем откако Аркадиуш Милик заработи незгодна повреда на коленото, па големи се шансите асот на Јувентус да отпадне од комбинација за настап на ЕВРО 2024.

Се вчитува...