Фудбалерот на романски Сепси, Исник Алими, без сомнение, беше најзапазениот македонски репрезентативец на пријателскиот натпревар против Чешка во Храдец Кралове.
Алими се повеќе ја добива довербата на селекторот Благоја Милевски, наметнувајќи се веќе и како неопходно решение за македонскиот среден ред во иднина. И не само поради својот прв погодок во дресот на македонската селекција, но пред се и за играта речиси без грешка на средината од теренот, ја доби највисоката оценка од македонскиот состав и од чешките медиуми.
Исник не го крие задоволството од постигнатиот погодок во македонскиот дрес, но вели дека би бил далеку посреќен ако не се случеше оној несреќен пораз во последните секунди.
„Секако, среќен сум што го постигнав мојот прв гол во националниот дрес, иако ќе беше уште подобро да не беше оној гол од пенал на Чесите во судиското продолжение. Како и да е, првиот гол секогаш се памети. А, се надевам дека ќе има уште многу за Македонија“ – вели Алими, и дополнува:
„За мене е задоволство што сум дел од овој репрезентативен тим. Иако можеби за некои не делува така, но атмосферата во репрезентацијата е навистина одлична, гледам дека се работи како група и мислам дека играме далеку подобро од она што го покажуваат резултатите на последните четири пријателски натпревари. Ни најмалку не заслуживме пораз од Чешка, но ете такви беа околностите на мечот. Но, треба да знаеме дека овие пријателски натпревари беа само за да ни покажат до каде сме со подготовката. Пред нас, од септември, се натпреварите од Лигата на нациите каде треба да го покажеме вистинското лице. Јас сум подготвен секогаш да го дадам најдоброто од себе во репрезентацијата и да му помогнам на тимот за успешен настап во Лигата на нациите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА