Димитриевски по потписот: Валенсија секогаш ми беше прв избор

Столе Димитриевски денеска го комплетираше трансферот од соништата, откако македонскиот голман најпрвин ги мина лекарските прегледи, а веднаш потоа го стави својот потпис на договорот со Валенсија.

Нашиот репрезентативец се сели на „Месталја“ како слободен играч по истекот на договорот со Рајо Валјекано, а Димитриевски не го крие задоволството што следна дестинација во кариерата ќе му биде токму шесткратниот шампион на Шпанија.

„Пресреќен сум што доаѓам во голем клуб како Валенсија, едвај чекам да почнам со новата авантура во кариерата. Ги минаев прегледите, се е во најдобар ред и јас сум многу, многу среќен. Чест ми е што ќе бидам првиот Македонец што некогаш заиграл за Валенсија. Ме бараа неколку екипи во изминатиот период, но од првиот момент кога Валенсија покажа сериозен интерес за мене немаше дилема, не ни помислував да потпишам за некој друг клуб. Валенсија ми остана во главата, решив да дојдам овде и среќен сум што таа желба ми се исполни“, истакна Димитриевски.

Тој едвај чека да настапи на преполните трибини на „Месталја“, стадион за кој Македонецот вели дека го импресионирал најмногу од сите фудбалски арени во Шпанија.

„Зборував со неколку пријатели по мојот прв меч на „Месталја“, пред шест години. Тоа е стадионот што најмногу ме импресионираше, Камп Ноу и Бернабеу се грандиозни објекти, но „Месталја“ имаше специјален шарм за мене. Како гостин ја почувствував енергијата што навивачите им ја даваа на своите миленици, едвај чекам истото чувство да го имам и како член на Валенсија. Играњето за ваков голем клуб носи притисок, но јас сум човек што сака предизвици и притисок за да бидам уште подобар“, порачува македонскиот репрезентативен голман.

Се вчитува...