Првите мечеви на ЕП: Домашниот терен не е секогаш предност

Вообичаена пракса на големите натпреварувања е шампионатите да стартуваат со дуел на домашната селекција, тренд што ќе продолжи и со вечерашното отворање на ЕВРО 2024 во Минхен, со пресметката меѓу фудбалските селекции на Германија и на Шкотска.

Ова се последните десет натпревари со кои беа отворени европските фудбалски шампионати…

Претходниот европски шампионат беше посебен поради големиот број на земји-домаќини, но УЕФА ја избра Италија како земја каде ќе се отвори првенството. „Аѕурите“ во Рим се сретнаа со Турција и славеа со 3-0 со головите што во второто полувреме ги постигнаа Демирал (автогол), Имобиле и Инсиње.

Во 2016 година Франција се сретна со Романија, дуел на кој „триколорите“ многу потешко од очекувањата ја оправдаа фаворитската улога. Оливие Жиру донесе предност, Станчу израмни од пенал, a во 89. минута голема победа на Франција донесе Дмитри Паје.

Полска и Украина беа ко-домаќини во 2012 година, а Полјаците ја имаа честа да го отворат ова ЕП на дуелот со Грција одигран во Варшава. Роберт Левандовски стрелаше прецизно во 17. минута за огромна радост на домаќините, но мечот заврши 1-1 откако Грција во второто полувреме стигна до израмнуваање преку Салпингидс.

Австрија и Швајцарија беа заеднички организатори на ЕВРО 2008, на кое премиерниот меч се одигра на „Сент Јакоб Парк“ во Базел. Швајцарците се надеваа на прослава на домашен терен против Чешка, но разочарани си заминаа дома по поразот од 0-1 со голот што го постигна Сверкош во 71. минута.

Најголемата сензација на отворањата на европските шампионати ја приреди Грција, која во 2004 на „Драгао“ во Порто ја шокираше Португалија со 1-2. Карагунис и Басинас донесоа убедливо водство на нашиот јужен сосед, Роналдо во судиското продолжение само го ублажи поразот. Ова беше почеток на неповторливата бајка на грчкиот национален тим, кој приреди огромно изненадување успевајќи да стигне и до европската круна.

ЕВРО 2000 беше официјално отворено со дуелот меѓу Белгија и Шведска во Брисел, каде домаќините славеа со 2-1. Гор ја доведе Белгија во водство пред крајот на првиот дел, на самиот старт од второто полувреме на 2-0 зголеми Мпенза, за Шведска до крајот само да го ублажи поразот преку Мјалби.

„Вембли“ во Лондон беше местото на отворање на ЕВРО 1996, кога Швајцарците го изненадија фаворитот Англија. „Гордиот албион“ делуваше сигурно на патот кон победата откако Ширер погоди за 1-0, но Туркјилмаз од пенал во 83. минута ги замолкна домашните фанови во Лондон.

Шведска беше домаќин на ЕП 1992, а домашната селекција на стартот се сретна со Франција, меч што заврши без победник (1-1). Ериксон ги доведе Швеѓаните до предност, но „триколорите“ се спасија од пораз благодарение на голот на Жан Пјер Папен во 58. минута.

ЕВРО 1988 беше отворено со дуел на гигантите во Дизелдорф, Германија како домаќин ја пречека Италија. Гостите први поведоа со голот на Роберто Манчини во 52. минута, но радоста им траеше премногу кратко бидејќи три минути подоцна Андреас Бреме погоди за Германија.

Франција го отвори настапот на ЕВРО 1984 со победа на „Паркот на принцовите“ во Париз над селекцијата на Данска, со голот што во 78. минута го постигна Мишел Платини.

Се вчитува...