Не е Пешиќ – друг врвен српски тренер седнува на клупата на Дубаи

Новиот кошаркарски проект во Дубаи ќе има Србин за тренер, сосема очекувано ако се знае дека водечките луѓе на проектот доаѓаат токму од нашиот северен сосед.

Долго време беше најавувано дека оваа функција ќе ја преземе актуелниот српски селектор Светислав Пешиќ, но тоа нема да се случи. Искусниот стратег ја одбил понудата, па наместо него за нов шеф на стручниот штаб на Дубаи ќе биде именуван поранешниот српски селектор Александар Ѓорѓевиќ.

Во тој правец, Ѓорѓевиќ денеска самиот си поднесе оставка од функцијата селектор на Кина што ја извршуваше во последните две години, за да биде слободен за новиот клупски ангажман.

„Искрена благодарност до Федерацијата на Кина и до прекрасните луѓе кои ги запознав при досегашната работа. Им посакувам се најдобро на тренерот, на претседателот на федерацијата, Јао Минг, како и на сите кошаркари. Напред Кина, вашиот српски брат секогаш ќе ве поддржува“, објави Ѓорѓевиќ на своите профили на социјалните мрежи.

Се вчитува...