Шпанија без клучниот дефанзивец на мегдан со Хрватска

Шпанија ќе биде ослабена на премиерниот дуел од ЕВРО 2024 што „црвената фурија“ ќе го игра в сабота против Хрватска, откако Ејмерик Лапорт отпадна од комбинација за настап на овој натпревар.

Одличниот дефанзивец кој минатото лето се пресели од Манчестер Сити во Ал Наср веќе извесно време влече незгодна повреда на мускулот на ногата. Состојбата не му се подобри во псоледните десетина дена, па откако денеска не тренираше со остатокот од тимот беше донесена одлука Лапорт да не настапи против Хрватска, а неговото место во срцето на одбраната крај Ле Норманд да му припадне на искусниот Начо од Реал Мадрид.

Весникот „Марка“ тврди дека Де ла Фуенте нема никакви дилеми околу составот, па саботниот дуел ќе го почне со Унаи Симон на голот, Карвахал и и Грималдо на бековските позиции и Ле Норманд и Начо како централни дефанзивци. Родри и Фабијан Руиз ќе бидат задолжени за креација заедно со Педри, додека Алваро Мората ќе биде најистурен во нападот на „црвената фурија“, помогнат од Нико Вилијамс и од Ламин Јамал по крилните позиции.

Се вчитува...