Македонскиот репрезентативец Дарко Велковски го напушта Динамо Букурешт откако му заврши договорот со клубот на крајот од актуелнава сезона.
Спортскиот менаџер на Динамо Букурешт, Андреј Николеску, за романските медиуми истакна дека минимални се шансите Велковски да остане во клубот и во следната сезона, затоа што за него има сериозен интерес од најдобрите романски екипи, Клуж и Рапид Букурешт, но и примамливи понуди од неколку клубови од Саудиска Арабија.
28-годишниот Велковски, проценет со вредност од 1,2 милиони евра, пристигна во Динамо на почетокот од годинава, имаше одлична пролетна етапа во клубот одигрувајќи 16 натпревари и постигнувајќи еден гол, со што го привлече вниманието на најдобрите од Романија.
„Може само да ви кажам дека ќе биде тешко да го продолжиме договорот со Велковски. Ние како клуб не можеме финансиски да се бориме со најдобрите за негов ангажман, па тој најверојатно ќе ја промени средината“ – вели Николеску.
Велковски претходно во својата кариера беше дел од Македонија ЃП, Работнички и Вардар во македонското првенство, како и од Ал-Етифак во Саудиска Арабија и Ријека во Хрватска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА