Влаховиќ: Не се важни моите голови, туку Србија да победува…

Душан Влаховиќ ќе биде меѓу главните адути на Србија на претстојниот европски шампионат, а одличниот голгетер е свесен дека пред оваа селекција е незгодна задача, да се мине групата и да се обезбеди пласман во следната фаза.

Згора на тоа, Србите во првото коло ќе се сретнат со Англија, репрезентација што важи за еден од главните фаворити за титулата на ЕВРО 2024.

„Ја анализиравме одбраната на Англичаните, тоа се играчи од најдобрата лига во светот и добро сме запознаени со нивните квалитети. Едно треба да биде јасно, не се плашиме од никого. Не се заканувам, само велам дека никој не е непобедлив, па ни Англија, го видовме тоа на нивниот последен контролен меч со Исланд. Дури и доколку не победиме в недела, тоа нема да биде крај на светот бидејќи има уште многу да се игра. Знам дека од мене се очекуваат голови и ќе сторам се за да ги постигнам, но реалноста е дека тоа не е најважно, најважно е Србија да победува“, изјави Влаховиќ.

Асот на Јувентус ги отфрли споредбите на европските медиуми со Хари Кејн, упатувајќи низа комплименти на адреса на англискиот капитен.

„Не треба да ме споредувате со Кејн, тоа е играч кој даде повеќе од 50 гола минатата сезона, над 300 во екот на кариерата. Тој игра на највисоко ниво веќе десетина години, а јас сум се утше млад. За мене е добро што ќе играм без дополнителен притисок, додека од Кејн сите очекуваат да го крене пехарот на крајот од овој шампионат“, истакна предводникот на српскиот напад на ЕВРО 2024.

Се вчитува...