Јунајтед подготви 50 милиони евра за миленикот на Тен Хаг од Ајакс

Манчестер Јунајтед реши да му даде нова шанса на Ерик тен Хаг да се докаже на клупата на „црвените ѓаволи“, а покрај укажаната доверба холандскиот стратег ќе добие и буџет од над 100 милиони евра за нови засилувања, што би бил зголемен со парите што ќе се обезбедат од продажбите во текот на летниот преоден рок.

Приоритет ќе биде засилување на одбраната, прв пик беше младиот Џеред Брентвејт, но лудото инсистирање на Евертон на отштета од 70 милиони фунти ги промени плановите на англискиот гигант. Сега „црвените ѓаволи“ го насочија вниманието кон Матијс де Лихт од Баерн Минхен, особено откако беше решено Тен Хаг да остане на клупата. Имено, двајцата имаа беспрекорна соработка додека беа во Ајакс стигнувајќи до полуфиналето од ЛШ, тим во кој Де Лихт иако млад ја имаше капитенската лента пред да биде продаден во Јувентус.

Тен Хаг е свесен за квалитетите на сонародникот и веќе побарал да му биде доведен на „Олд Трафорд“, а во прилог му оди што и Баерн инсистира на продажба на Холанѓанецот за да отвори место во одбраната за Тах и за Ито, кој веќе потпиша од Штутгарт. „Црвените ѓаволи“ се подготвени да платат 50 милиони евра за Де Лихт, па останува да се види како баварскиот гигант ќе одговори на оваа понуда.

Се вчитува...