Сонот кој се претвори во кошмар: Кој е младиот црногорски голман кој почина

Балканот и Европа ја потресе веста за смртта на младиот црногорски голман Матија Шаркиќ. Тој почина во Будва во саботата наутро, а причината за смртта се уште не е позната.

Шаркиќ, кој е роден во Гримсби во 1997 година, имаше интересна животна приказна, но и фудбалска приказна. Кариерата ја започна во белгиски Андерлехт, бидејќи неговото семејство живееше во Брисел, а потоа се врати на Островот, во редовите на Астон Вила.

Играше и за Вулверхемптон, но и за некои други клубови од пониското ниво на натпреварувањето, каде што беше на позајмица. Од 2023 година е член на Милвол, за кого во изминатата сезона забележа 32 настапи.

Ги помина сите јуниорски категории на црногорската репрезентација, за чија сениорска селекција дебитираше во 2019 година на мечот против Белорусија. Неколку дена претходно беше на клупата на мечот против Англија на „Вембли“ и токму тогаш го привлече вниманието на јавноста.

За Црна Гора одигра девет натпревари, а последниот беше пред 10 дена во дуелот со Белгија (0-2). Неговиот одличен настап не остана незабележан, а шпанскиот спортски весник „Марка“ во својот извештај по натпреварот ја истакна неговата извонредна игра, нарекувајќи го „ѕвездата“ која ги запре „ѓаволите“.

Инаку, неговиот брат близнак Оливер е член на Дечиќ кој ја освои историската прва титула во шампионатот на Црна Гора.

Се вчитува...