Србија и Хрватска претрпеа порази на премиерните натпревари од ЕВРО 2024, а покрај почетните резултати селекторите на овие репрезентации се соочуваат со сериозни проблеми околу повредите на дел од фудбалерите.
Филип Костиќ се повреди во првото полувреме од дуелот со Англија, а проблемот со коленото очигледно е сериозен и асот на Јувентус го очекува пауза од терените. Како што јавува српски „Телеграф“, деталните прегледи покажале дека повредата не е наивна и Костиќ нема да може да настапува за Србија до крајот на овој шампионат. Србите во второто коло в четврток се среќаваат со Словенија, меч на кој не смее да се дозволи нов пораз ако се сака да се обезбеди пласман во нокаут фазата од европскиот шампионат.
Слична главоболка има и Златко Далиќ, откако хрватскиот селектор денеска остана без услугите на Никола Влашиќ. Офанзивниот играч за врска беше повреден во текот на подготовките, Далиќ реши да ризикува со него, но Влашиќ во меѓувреме заработи нова повреда, по што стана јасно дека нема да може да им помогне на „коцкестите“, па веќе ја напушти и хрватската база во Германија.
Хрватска својот меч од второто коло на ЕВРО 2024 го игра утре во 15 часот, а противник ќе биде селекцијата на Албанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА