Ќатип Османи: Го добивме најтешкиот можен ривал, но нема да се предадеме

Македонскиот шампион Струга ТЛ го доби најтешкиот можен од петте противници за првото квалификациско коло за ЛШ, словачкиот шампион Слован Братислава.

И тренерот на стружани, Ќатип Османи вели дека се доби најтешкиот можен противник, но Струга ТЛ нема да се предаде во ниту еден момент во двомечот со Словаците.

„Ждрепката е прашање на среќа, сепак, иако е посилен противник од останатите, со кои можевме да играме, мора максимално да се подготвиме за овие два меча, бидејќи самото име, но и неодамнешните резултати на Слован покажуваат дека се работи за тим на високо ниво. Но, ние не се предаваме пред време и секако дека ќе дадеме се од себе да ја поминеме оваа рунда“ – вели Османи, според кого не е важно што реваншот ќе го играме на домашен терен.

„Во денешниот модерен фудбал можам да кажам дека домашниот терен не игра голема улога. Не е како порано реваншот на домашен терен да носи одредена предност. Значи мораме да влеземе со многу позитивна енергија и самодоверба уште на првиот дуел, за да се вратиме од првиот меч во Братислава со позитивен резултат“ – дополнува Османи, кој е задоволен од ангажманот на фудбалерите на тренинзите, кои тимот во моментов ги одржува во Струга.

Инаку, на ждрепката во Нион, Швајцарија, стружани ги претставуваа спортскиот директор Бесарт Исаку и генералниот секретар Мифтар Шаќири.

Се вчитува...