Италијанскиот селектор Лучијано Спалети ги предупреди своите фудбалери да не ни помислуваат на дефанзивна игра на вечерашниот дуел со Шпанија.
Тој имаше само пофални зборови за денешниот ривал, потенцирајќи дека „аѕурите“ сигурно ќе бидат казнети доколку решат да се бранат против „црвената фурија“.
„Шпанија е одлична репрезентација, но не толку одлична за ние како Италија да треба да се плашиме од нив. Треба да играме онака како што знаеме, да ги градиме акциите од последната линија како што тоа го правевме со Албанија во првото коло. Секако, Шпанија е посилен ривал, но ние сакаме да ги видиме своите можности против врвни репрезентации. Шпанија е една од тие топ-репрезентации, а нам по овие 90 минути фудбал ќе ни биде јасно каде припаѓаме во новиот фудбалски поредок. Можам веднаш да ви кажам, нема да застанеме во нашиот шеснаесетник и да се браниме. Ако го сториме тоа, сигурно ќе загубиме, бидејќи Шпанија е селекција што знае да притисне и да најде начин да даде гол. Затоа, не смееме да отстапиме од сопствената игра“, изјави Спалети.
Дуелот меѓу Италија и Шпанија се игра вечерва во 21 часот на стадионот во Гелзенкирхен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА