НОВО ОГРОМНО ПРИЗНАНИЕ: Ива Пројковска ќе суди на Светското првенство во Колумбија!

Најдобрата македонска судијка, Ива Пројковска, која се наоѓа во елитната група меѓу 20 најдобри женски фудбалски судии во Европа, доби ново огромно признание од Судиската комисија на ФИФА.

Таа ќе биде главен судија на претстојното Светско првенство за жени, фудбалерки до 20 години што ќе се одржи во Колумбија од 31. август до 22. септември. На првенството ќе настапат 24 репрезентации поделени во 6 групи. На Пројковска ќе и помагаат Сузана Куенг од Швајцарија и Камила Серано од Франција.

Колку е големо ова признание за Пројковска најдобро говори и податокот дека од Европа на првенството ќе судат само пет судијки. Покрај Пројковска тоа се Ивана Мартинчиќ (Хрватска), Јулијана Деметреску (Романија), Мариа Фериери (Италија) и Марта  Хуерта (Шпанија).

Ива Пројковска за првпат ќе суди на едно светско првенство. Минатата година беше четврти судија на Европското сениорско првенство во Англија, а 2019 година беше главен судија на финалниот натпревар на Европското првенство, фудбалерки до 19 години меѓу Франција и Германија во Шкотска.

М. М.

Се вчитува...