Со денешните нови три натпревари продолжуваат возбудувањата во второто коло од групната фаза од ЕВРО 2024. Најпрвин ќе видиме дали Украина се опорави од шокантниот пораз од Романија, избраниците на Ребров од 15 часот за ривал ја имаат Словачка, која пак го приреди најголемото изненадување во првата рунда со триумфот над Белгија.
Роберт Левандовски би требало да се врати во составот на Полска за денешната пресметка со Австрија (18 часот), а шлаг на програмата треба да биде вечерашниот дуел во Лајпциг меѓу Холандија и Франција.
СЛОВАЧКА – УКРАИНА 15 часот
Украина има скор од три победи, три реми и два пораза на досегашните осум пресметки со Словачка, но ова ќе биде прв дуел на овие две селекции на големите натпреварувања.
Словачка се наоѓа во одлична форма, оваа селекција има 10 победи на последните 14 одиграни средби (едно реми, три порази).
Украина загуби со 3-0 на првиот меч со Романија иако имаше 71,3% посед на топката, прв пат во историјата на ЕП репрезентација што има над 70% од поседот да прими три гола.
ПОЛСКА – АВСТРИЈА 18 часот
Полска и Австрија се имаат сретнато десет пати досега, поуспешни се Полјаците со пет победи, наспроти три на Австрија и две нерешено средби.
Полска досега играла на четири ЕП, секогаш Полјаците во второто коло играле нерешено без оглед на противникот. Полјаците завршиле последни во групата на три од четирите досегашни учества на ЕП.
Австрија има само два пораза на последните 17 одиграни средби (12 победи, три реми), еден од нив беше оној од Франција на ЕВРО 2024.
ХОЛАНДИЈА – ФРАНЦИЈА 21 часот
Само четири од последните 30 пресметки меѓу Холандија и Франција завршиле без победник (15 триумфи на Французите, 11 на „лалињата“.
Ова е трет меч на овие ривали во групната фаза на европските првенства, на претходните два славеше Холандија, на ЕВРО 2000 со 3-2 и на ЕВРО 2008 со 4-1.
Франција се наоѓа во одлична серија, има седум победи на последните осум пресметки со вечерашниот ривал, единствениот пораз го претрпеа во Лигата на Нации во ноември 2018 (2-0).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА