Поранешниот американски кошаркар Џеј-Џеј Редик кој има 15 годишно НБА искуство настапувајќи за Орландо, Милвоки, ЛА Клиперс, Филаделфија, Њу Орлеанс и Далас се впушта и во тренерските води преземајќи ја една од најтрофејните франшизи, Лос Анџелес Лејкерс.
Редик кој изминативе години е стручен аналитичар за ЕПСН, и водител на неколку подкасти меѓу кои и оној со Леброн Џејмс, досега без никакво искуство како тренер, го презема сега тимот на ЛА Лејкерс, пренесуваат американските медиуми.
Редик кој за три дена ќе наполни 40 години играчката кариера ја заврши во 2021 година. Во НБА заигра три години после Леброн Џејмс, а се повлече три години пред сега да му стане тренер на најдобриот стрелец во историјата на лигата, договорајќи се за соработка во следните четири години со Лејкерс.
Како што пренесуваат Американците, од тимот на ЛА Лејкерс сметаат дека нема да биде хендикеп тоа што Редик нема искуство како тренер. Ќе има помошници со големо искуство, а на Џеј Џеј ќе му помогне и тоа што четири години има играно за Универзитетот Дјук, каде тренер му беше славниот Мајк Кшижевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА