ДАРКО ПАНЧЕВ на темата каде исчезнаа голгетерите: Вештачкото ‘пумпање’ посед на топка без ефект го убива фудбалот, залудно тренерите измислуваат „топла вода“!

Најголемото македонско фудбалско име, Дарко Панчев засекогаш ќе остане запишан во историјата на европскиот фудбал, меѓу се останато, и со податокот дека беше најдобриот стрелец низ квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 1992.

Тогаш, Југославија беше прва во квалификациската група пред Данска, а Панчев со 10 постигнати гола на осум меча беше најдобриот стрелец во квалификациите, оставајќи ги зад себе Французинот Жан Пјер Папен со 9 гола, легендарниот Марко Ван Бастен со 8 гола и Шпанецот Емилио Бутрагењо со седум постигнати погодоци. Југославија, на крај, поради европските санкции, не доби право за настап на ЕВРО 1992, Данска беше нејзината замена и стигна до европската титула.

Низ актуелниот момент во деновите на ЕВРО 2024, некако се издвојува прашањето за „модерните голгетери“. Интересно, на Европското првенство 2024 се игра и тоа како ефикасно со 47 досега постигнати голови, но зачудувачки само еден фудбалер, Германецот Мусиала досега е со два постигнати гола. А, и по 18 одиграни натпревари нема ниту еден двоен стрелец на еден меч. Како да исчезнаа класичните гол-играчи…

Зошто е тоа така?

„Поради промената на начинот на игра, пред се, но и обидите на одредени тренери да измислуваат ‘топла вода’, вистинските голгетери се помалку доаѓаат до израз да ги покажат своите реализаторски способности“ – вели стручниот аналитичар на ЕКИПА за актуелното ЕВРО 2024, Дарко Панчев, на стартот од нашиот разговор на оваа тема, и веднаш дополнува:

„А, неизбришив факт е дека фудбалот не може без голгетери, колку некои тренери и да сакаат да го демантираат тоа, со измислување тактички поставки со игра без класичен напаѓач. Ете, има примери и на актуелното европско првенство, Холандија мораше да уфрли класичен напаѓач како Вегхорст за да дојдат до победа со Полска. Факт е дека голгетерите ги има во секој тим, во секоја од националните селекции затоа што не се може без нив. Португалија го има Роналдо, Франција има вистински гол-фудбалер во името на Турам, Англија е со Хари Кејн, Полска е со Левандовски, Белгија игра со Лукаку, Србија со Митровиќ, Словенија игра со Шешко, Шпанија со Мората, и Германците сега се со Фулкруг од Борусија Дортмунд… Факт е дека, без вистински гол-играчи не може да се дојде до врвни резултати. Затоа што фудбалот е игра создадена за да се даде гол повеќе. Колку и дали може еден тим без голгетер најдобар пример е и Пеп Гвардиола. Тој е еден од тренерите претставници на модерниот фудбал кој се обидуваше неколку пати да измислува дека може да игра без голгетер, па потоа мораше да го купи Халанд, издвојувајќи 100 милиони евра, за да успее да дојде до трофејот во Лигата на шампионите. Затоа што, без вистински голгетери во тимот едноставно не се може. Па, на крајот на краиштата, затоа и тие играчи се најценети и најплатени секогаш во историјата на фудбалот“.

ВЕШТАЧКОТО „ПУМПАЊЕ“ ПОСЕД НА ТОПКА БЕЗ ЕФЕКТ, ГО УБИВА ФУДБАЛОТ

Според „Златната копачка“ на Европа, тоа што листата на стрелци е пошироко распределена во секој тим во денешницата, е поради фактот дека голгетерите се на некој начин „блокирани“ и поради новата филозофија на одредени тренери за постојано „пумпање“ посед на топка, од кој играта нема ефект.

„Сигурен сум дека фудбалот не може многу да се смени. Променет е само начинот на кој тренерите внесуваат сега некоја филозофија на тактики со непотребно ‘пумпање’ посед на топка од кој нема ефект. Во нашето време, основната фудбалската филозофија беше со што помалку допири на топка да се заврши секоја акција со центаршут или шут. А, кога има постојани нафрлувања или шутеви кон противнички гол, вистинските голгетери се секогаш во ситуација да ги искажат своите реализаторски способности. А, сега гледаме дека фудбалот е повеќе во фаза на постојано движење на топката од лево кон десно, па потоа назад повторно на спротивната страна, па враќање на топката на своја половина, нов и нов почеток на акција, без ефект. И сето тоа до недоглед, додека не се загуби топката. Во тој контекст се загуби онаа вистинска убавина на фудбалот, со она неатрактивно ‘пимплање’…, и навистина не знам до кога сета оваа тренерска ‘филозофија’ ќе трае и дали може да издржи“ – вели Панчев и дополнува:

„И голем број поранешни фудбалски ѕвезди го потенцираат сето ова. Неодамна и еден гол-играч како Двајт Јорк, од Манчестер јунајтед, од ерата на Алекс Фергусон, кој беше одличен двоец со Енди Кол, го нагласи сето тоа. ‘Денешното малтретирање на топката до бескрај само го убива фудбалот. Во мое време единствената цел беше што побрзо да се дојде до позиција за да се постигне гол. Впрочем, фудбалот се игра и за да се постигне гол повеќе. За тоа и доаѓа секој навивач на стадион’ – ќе рече Јорк. Затоа сметам дека тие некои тактички новини кои се обидуваат вештачки да ги наметнат не носат нешто позитивно за фудбалот“.

ТОМИСЛАВ ИВИЌ ГО ИЗМИСЛИ ВИСОКИОТ ПРЕСИНГ УШТЕ ПРЕД 50 ГОДИНИ, НИЕ ГО ИГРАВМЕ СО ВИШЊЕВАЦ СЕКОГАШ ВО ФК ВАРДАР

Ниту, новиот висок пресинг кој се форсира како некаква новина, не е ништо ново во фудбалот…

„Тоа вештачко форсирање посед на топка, и некаков измислен висок пресинг не е никаква новина во фудбалот. Па, основоположник на висок пресинг е легендарниот европски и југословенски тренер, Томислав Ивиќ кој во Ајакс уште во 1977 година, значи пред речиси 50 години, прв почна да го игра. Значи, никаква ‘топла вода’ не откриле денешните тренери. Многу добро се сеќавам, во ерата на Вукашин Вишњевац уште во Вардар, посебно кога игравме во Скопје, се играше секогаш висок пресинг, противниците не можеа ниту центарот да го поминат. Затоа, повторно ќе потенцирам, фудбалот во тој контекст не е многу сменет, но променет е само пристапот во реализацијата. Се компликуваат нештата, место да се оди поедноставно на завршница, и затоа голгетерите, можеби се помалку доаѓаат до израз. Затоа и актуелното Европско првенство досега не исфрли некоја гол-ѕвезда во преден план“ – вели Дарко Панчев за ЕКИПА.

Се вчитува...