Петковиќ: Јас ќе бидам најсреќен на светот ако Будимир даде два гола со Италија

Хрватските фудбалери се свесни за слабите изданија на првите две средби од ЕВРО 2024, но меѓу „коцкестите“ владее и решителност преку добра игра и победа над Италија да се замолчат критичарите и да се обезбеди пласман во нокаут фазата од овој еврпоски шампионат.

Напаѓачот Бруно Петковиќ на денешната прес-конференција говореше за атмосферата во екипата, демантирајќи дека постои било каква конкуренција и завист меѓу него и Анте Будимир за местото „класичен напаѓач“ во составот на Златко Далиќ. Будимир беше џокер од клупата со блесок на последниот меч со Албанија, а Петковиќ има само позитивни коментари за напаѓачот на Осасуна.

„Свесни сме што мораме да поправиме, максимално сме фокусирани на она што се очекува од нас. Италијанците ги видовме на двете средби на овој шампионат, против Шпанија беа во подредена улога и се бранеа. Наше ќе биде да поставиме игра во која ќе создадеме шанси и ќе постигнуваме голови. Сакам една работа да биде јасна, воопшто не е важно дали Бруно Петковиќ игра или дава голови. Важна е само Хрватска и сите сме насочени само кон тоа. Анте Будимир е одличен напаѓач, ги заслужи сите пофалби по дуелот со Албанија. Јас ќе бидам најсреќен на светот ако Будимир даде два гола со Италија и ние се пласираме во осминафиналето“, истакна Петковиќ.

Се вчитува...