Партизан прави целосен ремонт во играчкиот кадар, откако Ледеј и Пантер и официјално ги напуштија „црно-белите“ приклучувајќи се на Камински, Доужер и најверојатно и на Џејмс Нанели низ излезната врата од клубот.
Прво засилување беше српскиот репрезентативец Вања Маринковиќ, вчера на Партизан му се приклучи и Ифе Лундберг од Виртус Болоња, а се чека само промоцијата на веќе договорениот трансфер на Французинот Нкитина, кој ќе ја напушти НБА-лигата за да му се приклучи на тимот на Жељко Обрадовиќ.
Сепак, приврзаниците на „црно-белите“ допрва ги очекуваат најзвучните засилувања, а според последните информации едно од нив би можел да биде Вил Клајбурн. Одличниот Американец имаше зад себе добра сезона во дресот на Ефес, постигнувајќи 13,3 поени, 4,6 скокови и 2 асистенции по натпревар. Клајбурн пред неколку дена и официјално си замина од турскиот клуб, а според пишувањето на шпанскиот новинар Џерард Соле, екс-кошаркарот на ЦСКА во моментов има две понуди на маса, на Партизан и на Монако.
Останува да се види дали Партизан ќе успее да излезе како победник од оваа трка и да го доведе Клајбурн, кој без сомнеж би бил огромно засилување за наредната натпреварувачка сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА