Денеска на програмата: Дали сте знаеле дека Роналдо…

Нови три натпревари се денеска на програмата на ЕВРО 2024, со кои ќе биде заокружено и второто коло од групната фаза на овој европски шампионат.

Чешка и Грузија ќе се борат за првите бодови во групата откако загубија во првото коло, а интересно ќе биде да се види дали Роналдо ќе успее да постигне гол, ако се знае дека Турција е една од ретките селекции против кои Кристијано има играно повеќе од еднаш, а не успеал да ја затресе нивната мрежа.

Програмата за денеска во Келн ќе ја завршат Белгија и Романија, дуел на кој „црвените ѓаволи“ ќе сторат се за да се опорават од големиот шок и поразот од Словачка во првото коло.

ГРУЗИЈА  – ЧЕШКА            15 часот

Ова е прв дуел воопшто во историјата меѓу селекциите на Грзуаиј и на Чешка.

Чешка нема загубено на првите две средби на едно ЕП уште од ЕВРО 2020.

Чешкиот голман Станек имаше седум успешни одбрани против Португалија, најмногу од сите голмани во првото коло од овој европски шампионат.

ТУРЦИЈА – ПОРТУГАЛИЈА     18 часот

Португалија има седум победи на досегашните девет средби со Турција, наспроти две победи на Турците и ниту едно реми во дуелите меѓу овие селекции.

Двете селекции последен пат се сретнаа во март 2022, кога Португалија славеше со 3-1. Двете победи на Турција се забележани во 1955 и во 2012 година, со идентичен резултат 3-1.

Кристијано Роналдо одиграл три натпревари во кариерата против Турција, но ниту еднаш не успеал да се запише меѓу стрелците.

Португалија и Турција имаат одиграно три средби на ЕП, на сите три славеа Португалците, а Турција не постигна ниту еден гол на овие дуели (1-0 на ЕВРО 1996, 2-0 на ЕВРО 2000 и 2-0 на ЕВРО 2008).

БЕЛГИЈА – РОМАНИЈА            21 часот

Овие две селекции се немаат сретнато уште од 2012. На досегашните 12 дуели имаат израмнет скор од по пет победи и две нерешени средби.

Поразот од Словачка во првото коло беше прв на Доменико Тедеско како селектор на Белгија.

Белгија досега само еднаш во историјата има загубено две средби на стартот од едно големо натпреварување, на првиот фудбалски мундијал во 1930 година.

Романија не се пласираше во нокаут фазата на ЕП во четири од петте учества на континенталните собири.

Се вчитува...