Јувентус ги интензивира активностите на пазарот во обид да донесе неколку квалитетни засилувања во тимот, а еден од приоритетите на новиот тренер Тијаго Мота е целосен ремонт на средниот ред на „старата дама“. Во завршна фаза се преговорите со Астон Вила за Даглас Луиз, веќе подолго време се разговара и со Копмајнерс од Аталанта, a според последните информации многу блиску до преселба во Јувентус се наоѓа и францускиот фудбалер Кефрен Турам.
Станува збор за син на француската фудбалска легенда Лилијан Турам, извонредниот дефанзивец кој во еден дел од кариерата ги бранеше боите на Јувентус. Кефрен настапува за тимот на Ница, францускиот прволигаш кој минатото лето одбиваше понуди од 50 милиони евра за негов трансфер, но сега ситуација е поинаква. Имено, Турам влегува во последната година од договорот со Ница и веќе им соопштил на челниците на клубот дека нема намера да ја продолжи соработката, па францускиот клуб ќе мора летово да го продаде за да не дозволи тој следното лето да си замине без никаква отштета.
Воедно, Турам јасно ставил до знаење дека сака да се пресели во Јувентус, за Ница да даде приоритет на преговорите со „старата дама“ бидејќи тој нема намера да замине во Премиер-лигата иако англиските клубови испратиле повисоки понуди за негов трансфер. Јувентус е подготвен да плати 18 милиони евра, па останува да се види како ќе течат овие преговори и дали „црно-белите“ од Торино ќе успеат да го доведат синот на Лилијан Турам во своите редови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА