Баерн Минхен е најактивен од европските гиганти на почетокот од летниот преоден рок, но баварците изненадија со вчерашната „бомба“ дека веќе почнале преговори со Хакан Чалханоглу за да го доведат 3о-годишниот турски фудбалер на „Алијанц Арена“. Челниците на Интер изненадени ја дочекаа оваа вест, но 24 часа подоцна од Италија веќе стигнуваат нови информации, дека „нероаѕурите“ се подготвени да го продадат Турчинот, но само за висока отштета.
Цената е веќе одредена, Интер инсистира на отштета од 70 милиони евра за овој фудбалер, со кого имаат договор до јуни 2027, што им дава комоција да не потклекнат во преговорите и значително да ја намалат сумата. Чалханоглу наводно ги договорил личните услови за четиригодишен договор за осум милиони евра по сезона (моментно заработува 6,5 милиони во Интер), а самиот фудбалер ставил до знаење дека за разлика од понудата од Саудиска Арабија што експресно ја одби, овојпат тој е заинтересиран за трансфер.
Чалханоглу својата блескава кариера ја лансира токму во Германија настапувајќи за Карлсруе, Хамбургер и Баер Леверкузен, па сега би сакал да се врати назад во Бундес-лигата, како член на најтрофејниот германски клуб.
На потег е управата на Баерн, која тешко дека ќе оправда така голема инвестиција за 30-годишен играч. Се очекува баварците летово да го продадат Кимих и на негово место да доведат нов играч за врска, досега се веруваше дека најблиску до преселба во Минхен е Палниња од Фулам, но останува да се види дали Чалханоглу ќе биде новата „ѕвезда“ во тимот на Баерн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА