Кејн го возвраќа ударот: Сите оние кои критикуваат исто така немаат освоено ништо со Англија

Хари Кејн жестоко им одговори на англиските ТВ-аналитичари кои ги критикуваа настапите на „гордиот албион“ на почетокот од ЕВРО 2024.

Англија има четири бода и се наоѓа на чекор до осминафиналето од европскиот шампионат, но голем дел од јавноста на „островот“ воопшто не е импресионирана од изведбите на избраниците на Герет Саутгејт. Кејн како капитен застана во одбрана на националниот тим, но и им возврати на аналитичарите, од кои голем дел се поранешни репрезентативци на Англија.

„Никогаш не би сакал да изразам непочитување кон било кој играч кој некогаш го носел овој дрес и знае што значи да се игра за Англија. Сепак, поранешните играчи, особено оние кои сега се аналитичари треба да разберат некои работи, она што го говорат допира до нас и влијае врз нас, особено врз оние помладите кои не се навикнати на вакви критики. Нивна работа е да го дадат мислењето за одреден меч, за одредена ситуација, но како поранешни репрезентативци исто така имаат одредени обврски, да го почитуваат нашиот национален тим. Мислам дека клучната поента е дека ние како нација немаме освоено ништо на фудбалски план долго, долго време. Сите оние кои критикуваат исто така немаат освоено ништо со Англија, знаат колку е тешко да се носи овој дрес на големите натпреварувања, а сепак фрлаат со дрва и камења по нас“, истакна Хари Кејн.

Англичаните својот последен меч од групната фаза го играат во вторник во 18 часот, а за противник ќе ја имаат селекцијата на Словенија.

Се вчитува...