Се е подготвено за разврските во групите Ц и Д, по кои ќе бидат познати нови патници во осминафиналето од ЕВРО 2024. Англичаните веќе имаат билет за осминафинале, но против Словенија ќе одат на триумф за да го осигураат првото место во групата, што би требало да им донесе нешто полесен ривал во следната фаза.
Супервозбудливо се очекува да биде во Минхен, каде Данска и Србија во меѓусебен дуел ќе решаваат за второто место на шампионатот, со тоа што на скандинавската селекција и одговара и реми бидејќи има два бода досега на своето конто, исто толку има и Словенија, додека Србија има еден освоен бод по првите две рунди.
Во групата Д ќе следиме трка за првото место, Франција е фаворит против Полска, а на Холандија и се даваат поголеми шанси за победа на мечот со Австрија. Двете селекции досега имаат по четири бода, Австријците со три се со реални шанси за пласман во осминафиналето дури и во случај на пораз, но селекцијата предводена од Ралф Рангник со победа над Холандија би се искачила најмалку на второто место во групата.
ХОЛАНДИЈА – АВСТРИЈА 18 часот
Холандија славеше на досегашните две средби на големите натпреварувања протви Австрија, „лалињата“ беа убедливи со 5-1 на СП 1978, а потоа беа подобри и на ЕВРО 2020, славејќи со 2-0.
Австрија има седум порази во серија на дуелите со Холандија, најдолга црна серија на Австријците против било кој ривал. Последната на Австрија над Холандија датирa во мај 1990, кога оваа селекција славеше со 3-2.
Холандија е без пораз во групната фаза од големите натпреварувања уште од СП 2014 (девет победи и две реми). „Лалињата“ не дале гол само еднаш на овие 11 средби, токму на последниот дуел од овој европски шампионат против Франција.
ФРАНЦИЈА – ПОЛСКА 18 часот
Франција е без пораз на осумте средби на европските првенства под водство на Дидие Дешамп (четири победи и четири реми).
Нголо Канте никогаш не загубил меч со Франција на големите натпреварувања (во регуларниот дел, без продолженија и пенали), со 12 победи и петреми.
Полска последен пат ја совлада Франција на СП 1982, во мечот за третото место на Мундијалот.
ДАНСКА – СРБИЈА 21 часот
Данска славеше на последните три натпревари со Србија, одиграни по 2006 година.
Србите се без триумф на последните седум средби на големите натпреварувања (две реми и пет порази).
Данците ќе се обидат да ја минат групната фаза на петтото европско првенство во низа.
АНГЛИЈА – СЛОВЕНИЈА 21 часот
Англија има скор од пет победи и едно реми во досегашните шест пресметки со Словенија. Последниот дуел на овие ривали се одгира во 2017, Англија славеше во квалификациите за СП 2018 со 1-0, со голот што го постигна Хари Кејн.
Англичаните со победа сигурно ќе бидат први во групата, па за ривал во осминафиналето ќе добијат една од третопласираните селекции во групите Д, Е или Ф.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА