Денеска на ЕВРО 2024: Лукаку, Роналдо… Дали сте знаеле?

Се  е подготвено за завршните четири натпревари од групната фаза на ЕВРО 2024, по кои ќе бидат познати и сите учесници во осминафиналето од ова големо натпреварување. Ќе биде даден одговор на прашањето, не само кои селекции ќе ги освојат првите две места во групата Е и Ф, туку и кои четири третопласирани селекции ќе бидат најдобри од вкупно шесте групи, за место во Топ 16 на овој континентален собир.

Во групата Е сите четири селекции имаат по три бода во пресрет на вечерашните дуели во последното коло. Она што е интересно, Словачка и Романија со реми во денешниот меч заедно би отишле во осминафиналето, па уште пред неколку дена се појавија првите сомнежи дека овие две селекции ќе одиграат без победник. Белгија ја има фаворитската улога против Украина, „црвените ѓаволи“ и со реми би останале со подобра гол-разлика од Украинците, но се очекува Де Бруине, Лукаку и соиграчите да одиграат на највисоко ниво и со нова победа да го остават зад себе разочарувачкиот пораз од првото коло од Словачка.

Португалија е секако прва во групата Ф без оглед на исходот од денешниот дуел со Грузија, додека Грузијците со сензационална победа би стигнале најмалку до третото место, но со четири бода и пласман во осминафиналето. Турција има три, а Чешка еден бод пред меѓусебниот дуел на овие две репрезентации, на кои Чесите мора да слават ако сакаат да стигнат до нокаут фазата.

УКРАИНА – БЕЛГИЈА           18 часот

Овие две селекции немаат одиграно ниту еден меч досега, ниту официјален ниту пак пријателски натпревар.

Белгија е без пораз на последните 22 средби кога за првпат се среќава со некој ривал (13 победи и девет реми). Последниот таков пораз Белгијците го претрпеа од Египет во 1999 година.

Украина досега има одиграно 13 средби на ЕП и ниту еднаш не успеала да ја сочува мрежата незатресена.

Ромелу Лукаку со гол ќе стане првиот Белгиец што бил стрелец на пет различни големи натпреварувања. Моментно е на делба на првото место на оваа ранг-листа со четири, колку што имаат и Кевин де Бруине и Јан Кулеманс.

СЛОВАЧКА – РОМАНИЈА         18 часот

Словачка има само една победа на досегашните 11 дуели со Романија (пет реми, пет порази), и тоа на пријателски меч во Братислава во август 1942 година.

Романците се елиминирани во групната фаза во четири од последните пет учества на ЕП (во 1984, 1996, 2008 и 2016). Тие стигнаа до нокаут рундата на ЕП 2000, каде во четвртфиналето беа поразени од Италија.

ЧЕШКА – ТУРЦИЈА                  21 часот

Последниот дуел на овие селекции беше во ноември 2022, кога Турција славеше на пријателскиот дуел во Газиантеп со 2-1 со головите што ги постигнаа Енес Унал и Хакан Чалханоглу.

Чешка е единствената селекција против која Турција има повеќе од една победа на европските првенства.

Се уште се памети дуелот на овие ривали од ЕВРО 2008, кога Турција се врати од негатива од 0-2 на петнаесет минути до крајот и на крајот славеше над Чешка со 3-2 елиминирајќи го овој противник.

ГРУЗИЈА – ПОРТУГАЛИЈА       21 часот

Овие две селекции се имаат сретнато само еднаш досега, Португалците славеа на пријателскиот меч во мај 2008 со резултат 2-0.

Кристијано Роналдо може да стане првиот европски фудбалер кој стигнал до 50 настапи на големите натпреварувања.

Во првите две кола противниците упатиле вкупно 20 удари во рамките на голот на Грузија, најмногу од било која селекција на ЕВРО 2024.

Се вчитува...