Фијаското на ЕВРО 2024 ја донесе и првата „жртва“ во српскиот фудбал. Селекторот Драган Стојковиќ јасно стави до знаење дека не планира самиот да се повлече, но затоа оставка од функцијата си поднесе Генералниот секретар на Фудбалската Федерација на Србија, Јован Шурбатовиќ.
Тој ги извести новинарите за својата одлука непосредно по слетувањето во Белград заедно со остатокот од српската експедиција.
„Одамна имав најавено повлекување и преселба на друга функција. Уште пред ЕП најавив дека ќе поднесам оставка, од сосема поинакви причини од овој резултат. Мислам дека пред нас се многу поважни прашања за кои стручната јавност треба да разговара каде оди српскиот фудбал, кој ќе ги замени овие играчи кои настапуваа летово.. Како некој што е долго во српскиот фудбал, јас сум сериозно загрижен за иднината“, изјави Шурбатовиќ.
Српската јавност го потенцираше токму Шурбатовиќ како главен „виновник“ за „аферата хрватски авион“, откако Ана Брнабиќ обелодени дека претседателот Вучиќ бил бесен што неговата репрезентација со хрватски чартер лет отпатувала за Германија.
„Не е точно дека летавме со хрватски авион, туку со германски. Тим-менаџерот на А-селекцијата има обврска да ангажира чартер-летови за потребите на оваа репрезентација во ситуација кога не ни се достапни авионите на Ер Србија. Ние во авионот влеговме низ тунел, тој беше избрендиран со нашите бои по внатрешноста. Подоцна дознавме дека авионот е германски, но бил регистриран во Хрватска. Секако е скандал, иако никој не можеше да знае во моментот кога се договараше наемот на тој чартер-лет. Тим-менаџерот тоа никако не можеше да го знае, не ја гледам вината кај него, кога системот ќе потфрли, јас како генерален секретар ја прифаќам одговорноста“, истакна Шурбатовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА