Скокна цената – Јуве се откажува од големата желба на новиот тренер

Јувентус нема да може да издржи во трката по Рикардо Калафиори, откако цената на овој дефанзивец значително скокна по одличните настапи за италијанската репрезентација на ЕВРО 2024.

Калафиори е еден од најдобрите во таборот на „аѕурите“ во групната фаза, а неговата асистенција до голот за Закањи во 97. минута против Хрватска се покажа клучна за пласманот на актуелниот европски првак во осминафиналето од овој шампионат.

Јуве подолго време се интересира за Калафиори, кој беше потенциран од новиот тренер Тијаго Мота како идеално засилување за одбранбената линија на „црно-белите“. Проблемот беше што Болоња бараше 40 милиони евра за својот ас, а Јуве не понуди повеќе од 30 милиони за Калафиори.

Сега разликата е уште поголема, откако по одличните игри на ЕП во трката се вклучија уште неколку клубови ширум Европа, па „болоњезите“ ја кренаа цената на огромни 50 милиони евра. Јувентус дефинитивно нема пари за да остане во оваа трка и „црно-белите“ почнаа да разгледуваат други опции на пазарот за засилување на одбранбената линија. Што се однесува до Калафиори, Италијанецот сега е најблиску до Премиер-лигата, каде Ливерпул, Њукасл и Тотенхем најавија понуди до „болоњезите“ за да го потпишат овој фудбалер веднаш по завршувањето на ЕВРО 2024.

Се вчитува...