Един Џеко е чекор поблиску до трансфер во редовите на Хајдук, откако искусниот голгетер добил зелено светло да си замине од Фенербахче од новиот тренер на турскиот гигант, Жозе Мурињо.
Турските медиуми обелоденија дека Џеко во изминатите денови разговарал со Мурињо, по што од страна на трофејниот стручњак му било соопштено дека клубот ќе доведе но врвен голгетер и босанскиот репрезентативец веќе ќе нема статус на сигурен првотимец. Мурињо јасно ставил до знаење дека нема да му стои на патот на Босанецот ако тој реши да си замине, со што само го забрзал процесот на преговори меѓу Џеко и Хајдук.
Сплитскиот клуб уште на почетокот од овој месец почна разговори со Џеко, преку новиот спортски директор Никола Калиниќ кој своевремено настапуваше со Џеко во Рома. Ветеранот изразил подготвеност да заигра во Хрватска пред крајот на кариерата, но засега нема добиено конкретна понуда од Хајдук. По зеленото светло од Мурињо, се очекува преговорите да се интензивираат во наредните денови, се со цел Џеко што поскоро да пристигне во Сплит и да му се стави на располагање на тренерот Џенаро Гатузо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА