Македонскиот првак Пелистер денеска ги дозна противниците за групната фаза од Лигата на Шампионите за сезоната 2024/25, на ждрепката што се одржа во Виена.
„Пелистерци“ можат да бидат презадоволни од исходот на денешното извлекување ако се знае дека се најдоа во полесната од двете групи, избегнувајќи ги последните два европски прваци, Магдебург и Барселона. „Зелено-белите“ ќе се сретнат со европските гиганти ПСЖ и Веспрем, а тука ќе биде и тимот на Берлин кој ќе добие шанса за настап во ЛШ откако во последните години со успех настапуваше во Европската лига на ЕХФ.
Висла Плоцк е полскиот тим кој ќе се сретне со „пелистерци“ (секако подобра опција од Киелце), а македонскиот шампион ќе има шанса за успех и против Фредерициа, Спортинг Лисабон и Динамо Букурешт, особено на натпреварите во преполната сала „Боро Чурлевски“ во Битола.
Е. Пелистер лани по долга пауза се врати во елитното европско натпреварување, но имаше крајно разочарувачки скор од 0-14. Целта годинава дефинитивно е да се направи чекор напред и да се стигне барем до еден триумф, зошто да не и да се влезе во серија добри резултати и во ваква група „пелистерци“ да се вмешаат и во борбата за нокаут фазата.
ГРУПА А: Висла, Веспрем, ПСЖ, Берлин, Фредерициа, Спортинг, Динамо Букурешт, Е. Пелистер.
ГРУПА Б: Алборг, Магдебург, Барселона, Нант, Пик Сегед, Киелце, Загреб, Колштад.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА